Во германскиот град Дрезден при ископувања е пронајдена неексплодирана американска бомба од Втората светска војна, поради што има потреба од евакуација на најмалку 15.000 луѓе, соопшти денеска полицијата.
– Се работи за воздушна бомба од американско производство од 250 килограми – се наведува во соопштението, цитирано од весникот „Билд“.
Бомбата треба да се деактивира на лице место, а неутрализацијата ќе започне попладне. Според извештајот, дотогаш од околните згради ќе треба да бидат евакуирани до 15.000 луѓе.
Во опасната зона има два домa за стари лица, пишува весникот и додава дека ќе се преземат мерки за безбедност на пациентите, а сообраќајот ќе биде запрен за никој да не биде загрозен.
Во целата акција учествуваат 385 полицајци, се вели во извештајот.