Шокантните и грозморни слики од убиените цивили на улиците на градчето Буча, во близина на Киев, продолжуваат и денеска да ја засилуваат меѓународната осуда на Русија и нејзиниот лидер, Владимир Путин.

Американскиот претседател, Џо Бајден денеска повторно го нарече Путин воен злосторник , додавајќи дека треба да ја понесе одговорноста за злосторствата кои ги извршиле руските сили пред меѓународниот суд за воени злосторства.

„ТОЈ Е ВОЕН ЗЛОСТОРНИК. НО, МОРА ДА ГИ СОБЕРЕМЕ ИНФОРМАЦИИТЕ. МОРА ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА И ДАВАМЕ НА УКРАИНА ОРУЖЈЕ КОЕ И Е ПОТРЕБНО ДА ПРОДОЛЖАТ СО БОРБАТА. И МОРА ДА ГИ СОБЕРЕМЕ СИТЕ ДЕТАЛИ, СО ШТО ОВА МОЖЕ ДА ДОВЕДЕ ДО СУДЕЊЕ ЗА ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА. ОВОЈ ЧОВЕК Е БРУТАЛЕН. ТОА ШТО СЕ СЛУЧИ ВО БУЧА Е ГРОЗНО. СИТЕ ГО ВИДОВМЕ“ – ИЗЈАВИ БАЈДЕН.

Колку за потсетување, Соединетите држави не се потписник на римскиот статут со кој се основаше меѓународниот суд со седиште во Хаг.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, му реплицираше на Бајден со повеќе примери, за одговорноста на САД.

„КАКО ПРВО, МНОГУ АМЕРИКАНСКИ ПОЛИТИЧАРИ КОИ ЈА ЗАПОЧНАА ВОЈНАТА ВО ИРАК ПОД ПОЗНАТИТЕ ИЗГОВОРИ, КОИ ЈА РАСТУРИЈА ЛИБИЈА ЗАЕДНО СО ПАРТНЕРИТЕ ОД НАТО, КОИ ЈА ОКУПИРАА СИРИЈА, НЕ ЗНАМ КАКВА СОВЕСТ ИМААТ ТИЕ ПОЛИТИЧАРИ“ – ПОСОЧИ ЛАВРОВ.

Подготвеност да помогне во истрагата за извршени воени злосторства во Буча изрази и претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен, која во телефонски разговор му пренела на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, дека Европол и Европската агенција за соработка на правосудните власти се подготвени да испратат свои тимови во Украина.

Самиот Зеленски беше во Буча, од каде ги обвини руските окупациони сили дека вршат геноцид на териториите кои ги окупираат во неговата држава.

Тој повторно апелираше до Русија да се посвети на преговорите, предупредувајќи дека тоа е единствен начин да се запрат крвопролевањата.

„КОЛКУ ПОДОЛГО РУСИЈА ГИ ОДОЛГОВЛЕКУВА РАЗГОВОРИТЕ, ТОЛКУ ЌЕ БИДЕ ПОЛОШО ЗА НИВ И ЗА ОВАА СИТУАЦИЈА, ЗА ВОЈНАТА. ЗАТОА ШТО СЕКОЈ ДЕН КОГА НАШИТЕ ТРУПИ ДОАЃААТ И ОСЛОБОДУВААТ ОДРЕДЕНИ ТЕРИТОРИИ, ГЛЕДАМЕ ШТО СЕ СЛУЧУВАЛО. МНОГУ Е ТЕШКО, МНОГУ Е ТЕШКО ДА СЕ ВОДАТ ПРЕГОВОРИ КОГА ГЛЕДАТЕ ШТО НАПРАВИЛЕ ТУКА“ – ПОДВЛЕЧЕ УКРАИНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ, ВОЛОДИМИР ЗЕЛЕНСКИ.

Зеленски ја надгледуваше и дистрибуцијата на хуманитарната помош во Буча, за луѓето кои го преживеале и се спасиле од страотниот масакр на руските сили, ветувајќи им на граѓаните помош во овој ужасен миг за нивниот град.

Истовремено, Германија донесе одлука за протерување на 40 руски дипломатски претставници од својата држава по масакрот во Буча, но ја отфрли идејата за ембарго на увозот на енергенси од Русија.