Белорусија се обидува да воведе закон за казнување на „обидите за терористички напади“ откако проукраинските активисти се обидоа да саботираат делови од железничката мрежа за да им отежнат на руските сили да испратат воена опрема во Украина.
Долниот дом на белорускиот парламент ги одобри измените на кривичниот закон во две читања, објави белоруската прорежимска агенција Белта. Промените сега мора да бидат потврдени во горниот дом на парламентот, а пред да стапи на сила законот, белорускиот диктатор Александар Лукашенко, еден од ретките сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, мора да го потпише.
Владимир Андрејченко, претседател на Долниот дом на парламентот, алудирајќи на саботажата на железницата, рече: „Деструктивните сили продолжуваат со терористичките и екстремистичките активности кои се обидуваат да ја потресат Белорусија и да предизвикаат нестабилност и конфликти“.
„Тие преземаат активности за да ја спречат работата на железничката опрема и железницата. Тоа се објекти од стратешко значење. Нема оправдување за такви терористички акции“, рече тој.
Да потсетиме, Русија ја искористи Белорусија за да изврши неуспешен напад од нејзина територија, чија цел беше да го опколи и окупира Киев во првата фаза од инвазијата. Минск негира вмешаност во конфликтот, јавува британски Гардијан.