Во Виена во кафулиња влез само за вакцинирани, во Хрватска ковид пропусници и за државните службеници, а во некои земји без вакцина нема плата

Списокот на земји и градови кои во рамките на новите мерки носат посебни правила за невакцинираните, како за работниците, така и за другите граѓани, станува се подолг. Хрватска денеска донесе нови мерки за јавниот сектор, а Виена вчера забрани влез на невакцинирани лица во кафулињата и рестораните. Латвија отиде чекор понатаму, дозволувајќи им на компаниите да отпуштаат работници кои одбиваат да се вакцинираат, а нови мерки за работниците најави и американскиот претседател Џо Бајден.

На листата земји со посебни правила за невакцинирани лица се приклучи и Унгарија, а претходно Словенија, Франција, Грција, Германија, Италија …

Хрватска: Ограничувања за јавниот сектор

Во Хрватска е соборен нов рекорд од 6.932 нови пациенти, а во оваа земја се донесени нови мерки кои стапуваат на сила од 15 ноември. Тие предвидуваат сите вработени, но и корисници на јавни и државни услуги да имаат потврда за вакцинација, прележана болест или негативен тест.

Како што беше посочено, доколку не се подобри епидемиолошката состојба, Хрватска од 4 јануари ќе воведе потврди за ковид, кои ќе можат да ги добијат само вакцинирани или оние кои го прележале Ковид, но не и оние кои се тестирани.

Виена: Забрана за влез во ресторани

Градот Виена ги претстави новите мерки со кои на невакцинираните лица им се забранува престој во кафулиња, ресторани и на настани со над 25 лица. Предвидена е и забрана за одење во фризерски салони, а мерката треба да стапи на сила кон крајот на следната недела.

– За мене е важно да донесувам одлуки, пред да се пополнат одделенијата за интензивна нега – изјави градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг.

Околу 64 отсто од населението во Австрија е целосно вакцинирано против коронавирус. Ова одговара на просекот на Европската унија, но исто така е меѓу најниските стапки во Западна Европа.

Латвија: Суспензија па отказ

Латвискиот парламент вчера им дозволи на компаниите да испраќаат работници на неплатено отсуство или да работат од дома, доколку одбијат вакцинација против корона вирусот.

Регулативата предвидува и фирмите да можат да отпуштат вработени доколку не се вакцинираат за време на тримесечниот суспензија.

– Има доволно причини да се верува дека такво лице не е соодветно за таа позиција во компанијата – наведе латвиската влада образложувајќи ја предложената мерка.

Новите правила ќе стапат на сила на 15 ноември, откако Латвија ќе излезе од блокадата, а има исклучоци за лицата кои имаат медицинска причина да не се вакцинираат, вклучително и оние кои неодамна ја прележале оваа болест.

Претходно, задолжителната вакцинација во Латвија важеше само за работниците во здравството, образованието и социјалната заштита.

Околу 61 отсто од возрасните Латвијци се целосно вакцинирани, што е помалку од просекот на Европската унија од 75 отсто.

САД: Задолжителна вакцинација од 4 јануари

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, вчера најави задолжителна вакцинација против Ковид во компаниите, а оние кои не сакаат да се вакцинираат ќе мора да се тестираат еднаш неделно.

Одлуката ќе стапи на сила на 4 јануари следната година, а компаниите кои нема да ги почитуваат прописите ќе се соочат со парична казна од 14.000 долари по прекршок.

Со новата регулатива ќе бидат опфатени околу 84 милиони работници во средните и големите компании.

Истовремено, построги правила ќе важат за околу 17 милиони вработени во здравствените установи и домовите за стари лица. Нема да имаат можност за тестирање еднаш неделно, туку ќе мора да се вакцинираат.

Унгарија: Вакцинацијата е услов за работа

Унгарската влада претходно им дозволи на работодавците да бараат од нивните работници да се вакцинираат против коронавирус „како услов за работа“.

Според владината уредба, работодавачите можат да бараат имунизација од работниците, доколку сметаат дека е потребно. Ако е така, на работниците мора да им се даде 45 дена да ја примат првата доза, а втората мора да ја примат на датум што ќе го одреди лекарот.

Вработените кои нема да го почитуваат ова може да бидат ставени на неплатено отсуство до една година, а работниот однос може да им престане по тој период, доколку се уште не се вакцинирани.

Исклучок од новото правило ќе важи за работниците кои со лекарско уверение ќе докажат дека вакцинацијата против коронавирус е ризична по нивната здравствена состојба.

Германија

Германија претходно донесе слична одлука. Тие дефинираа невакцинираните работници да не добиваат плата за боледување доколку мерките за корона вирусот ги принудат да бидат во карантин.

Правилата важат за луѓето кои се позитивни на корона вирусот, како и за оние кои се враќаат од патување од земји означени како „високо ризични“.

Невакцинираните патници од такви земји мора да бидат ставени во карантин најмалку пет дена, а оние кои биле вакцинирани или неодамна закрепнале од вирусот не мора.

Словенија

Во Словенија, ПЦР тестовите повеќе не се прифаќаат за влез на работни места финансирани од државата, вклучувајќи ги и државните болници. Практично, државните службеници веќе не можат да одат на работа без потврда за вакцинација.

Во исто време, Владата на Словенија воведе мерки во приватниот сектор – станува збор за покажување пропусници кои докажуваат вакцинација или негативен резултат на ПЦР. Ова се однесува на приватни работни места, како и болници, бензински пумпи, трговски центри, ресторани и други јавни места.

Мерката предизвика големи улични немири во Љубљана. Инаку, досега се вакцинирани речиси половина од 2 милиони жители на земјата-членка на ЕУ, што е значително под просекот во ЕУ.

Франција

На околу 3.000 здравствени работници во Франција им е суспендирано правото на заработка бидејќи не биле вакцинирани против корона. Правилото важи за сите лекари, медицински сестри, административни работници и волонтери во здравствените работници.

Новото правило, кое веќе е на сила, ја направи вакцинацијата задолжителна за 2,7 милиони здравствени работници, во старечки домови и за пожарникари.

Претседателот Емануел Макрон прво ги информираше работниците за промената на правилата на 12 јули, предупредувајќи ги потоа дека мора да добијат барем една доза до 15 септември или да дадат отказ.

Италија

Италијанската влада, исто така, претходно усвои една од најстрогите мерки за коронавирус во светот, бидејќи ги обврза сите работници во јавниот и приватниот сектор да имаат потврда за вакцинација, негативен тест или потврда дека неодамна се опоравиле од коронавирусот.

Додека некои земји од Европската унија наредија нивните здравствени работници да бидат обврзани да примаат една доза од вакцината, ниту една не прогласи задолжителна вакцинација за сите вработени, што ја прави Италија тест пример.

Во Италија, која беше екстремно погодена за време на првиот бран на пандемијата, властите отидоа подалеку, па граѓаните кои ќе го игнорираат новиот закон ќе бидат принудени да платат казна од 600 до 1.500 евра.

Одлуката стапи на сила на 15 октомври, а целта е да се убедат луѓето дека треба да се вакцинираат за да се намали бројот на новозаразени во една од најпогодените земји од пандемијата.

Грција

Во Грција, невакцинираните вработени во јавниот и приватниот сектор мора да прават тестови за Ковид еднаш или двапати неделно, на свој трошок. Правилото стапи на сила на 13 септември.