Во босанскиот град Какањ утрово се случи трагедија во која загина Емира Шехагиќ, сопруга на поранешен воен командант од Какањ.
Емира Шехагиќ била наставничка по босански јазик и литература во Гимназијата „Мухсин Ризвиќ“ во Какањ, била и директорка на ова училиште, а минатата година заминала во пензија.
Ја паметат многу генерации ученици, кои на социјалните мрежи се збогуваат со неа:
– Со искрена болка и голема тага, ги упатувам последните поздрави до мојата драга професорка по босански јазик, Емира Шехагиќ. Од сите ценети професори од мојата гимназија најмногу ве ценев. Бевте голем лингвист, строга, но праведна, а единственото мерило за разликување на нас учениците беше знаењето. Она што ти се случи тебе и целиот наш град е трагедија без преседан, најстрашното нешто што се случило во мојот живот, напиша една од учениците на социјалните мрежи.
Како што пишува порталот „Аваз“, таа била убиена од нејзиниот помлад син Армин Шехагиќ (1993). Тој наводно имал психички проблеми.
Како што дознаваме, кога Шехагиќ сфатил што направил, со автомобил дошол до реката Босна и скокнал, но успеале да го извлечат и на тој начин да спречат самоубиство.
Елведин Фишек, портпарол на Министерството за внатрешни работи на Зеничко-Добојскиот кантон, потврди дека Шехагиќ бил префрлен во Кантоналната болница во Зеница на невропсихијатрија.