Куќата на семејството Ѓокиќ во селото Моравац во Алексинац по кратко време повторно беше завиена во црно. По смртта на еден од нејзините синови, Стојанка Ѓокиќ ја доби веста дека остана без Горан, снаата Гордана и дваесет и петгодишната внука Лидија, кои ги сакаше над се’.
Она што е најтешко за оваа старица е тоа што тие беа сурово ликвидирани и дека сторителот или сторителите на ова грооморно дело, дури и повеќе од две недели по настанот каков што не се памети, сепак избегаа од апсење.
– Го загубив мојот прв син, но тој имаше рак, па некако го прежаливме. Сега останав без три чеда, не можам тоа да го прежалам. Особено Лика, срцето ме боли за секого, но за неа најмногу, низ солзи раскажува очајната старица за Телеграф.
Со тага се сеќава на последните моменти што ги помина со синот, снаата и дваесет и петгодишната внука Лидија.
– Беше недела, Гордана ми рече дека брзо ќе дојде кај мене да донесе малку пиперки. Не помина долго време кога дојдоа до портата, не се сеќавам кој ја отвори. Се смеевме, се шегувавме. Горан се пожали дека го боли ногата, па отиде во кревет, вели Стојанка за последната ноќ помината со своите најблиски.
Таа вели дека не забележала ништо што би укажало дека семејството е во опасност.
-Се однесуваа сосема нормално, Лика отиде кај снаата. Следниот ден и се јавував на Гордана, не ми одговори. На мојата снаа и велам: „Не одговараат на телефон, каде се?“. Потоа бабата ја побарала внуката Лидија, но ниту таа не одговорила, се јавила во менувачницата, а никој не одговорил ниту таму. Ја повикала ќерката и и’ рекла да помине кај менувачницата за да види што се случува. Оф леле, што ме снајде, кука Стојанка.
Таа истакнува дека не се надевала на најлошото дури и кога било сигурно дека тие не си заминале доброволно.
– Се надевавме дека ќе ги најдеме живи. Мислевме дека ги фатија, ги зедоа парите, но дека некаде се затворени живи. Верувавме дека ќе ги ослободат, се уште не можеме да се помириме дека се убиени, рече ожалостената жена.
Потсетуваме дека семејството Ѓокиќ беше киднапирано ноќта помеѓу 26 и 27 септември, а нивните изгорени тела беа откриени на 2 октомври во јама во атарот на селото Моравац.