Легендарниот аргентински фудбалер Диего Марадона боледувал од биполарно нарушување и нарцисоидно нарушување на личноста, изјавил неговиот психолог Карлос Дијаз за време на судскиот процес поврзан со неговата смрт.

Дијаз, кој сведочел пред суд во Сан Исидро во предградието на Буенос Аирес, истакнал дека кај Марадона била присутна комплексна состојба поврзана со зависности, како и повеќе психички нарушувања што барале специјализиран третман. Тој бил дел од медицинскиот тим кој се грижел за поранешниот фудбалер во последните недели од неговиот живот.

Според неговото сведочење, Марадона бил под надзор во период од 29 дена пред смртта, а при првиот контакт бил затекнат во состојба на консумација на алкохол, додека подоцна покажувал подобрување и поголема свесност за третманот.

Во судскиот процес се разгледува одговорноста на седум здравствени работници за евентуален пропуст во лекувањето на Марадона, кој почина во 2020 година. Обдукциските наоди покажале дека во неговата крв немало траги од алкохол или наркотични супстанции во моментот на смртта.