Бугарскиот истражител Маријан Маринов, кој работи на разоткривање на трагедијата, за Алсат изјави дека се очекува истрагата да трае. Првите податоци, според него, покажуваат дека првиот оган можеби бил предизвикан од триењето железо со железо на банкината и автобусот. Од ударот експлодирал резервоарот со нафта. Бугарското обвинителство истрагата ја води во три насоки:

БУГАРСКО ОБВИНИТЕЛСТВО

„Бугарското обвинителство во моментов истрагата ја води во три паралелни насоки. Покрај причините за пожарот, втората трага за истрагата е за човечкиот фактор, поточно возачот зошто не реагирал за да се евакуираат патниците. За истрагата против агенцијата во координација сме со Обвинителството во Скопје за да ги добиеме сите потребни документи за откривање на индиректните фактори кои довеле до трагедијата.“

АВТОБУСОТ ИЗГОРЕЛ ВО РОК ОД 10 МИНУТИ

Маринов вели дека голем дел од банкината влегла во автобусот во пределот кај предното тркало до влезната врата и оти пластичниот резервоар бил целосно уништен. Тоа предизвикало горивото да се растече и да го изгори автобусот во рок од 10 минути.

„Чекаме, има многу, не еден или две. И ние чекаме да бидат готови резултатите и потоа да ги организираме работите. Прво го правиме тоа – чекаме, новоста е она што го открија експертите, но не можам да ви кажам кои се најновите наоди. Организирани се автобуси кои патувале со 20 минути дистанца за да не станат колона и тоа покажува дека не патувале заедно.“

ВО АВТОБУСОТ НЕМАЛО ЕКСПЛОЗИВ ИЛИ ЦИСТЕРНИ СО БЕНЗИН

Истражителот вели дека автобусот бил стар и репариран во Турција. Му била заменета целата опрема, така што документацијата покажува година на производство 2007 година, но тој изгледал како модел од 2018 година. Во автобусот немало експлозив, категоричен е Маринов, кој се повикува на примероци направени од остатоците на возилото. Се негира дека имало и цистерни со бензин или поинакви шверцувани експлозивни средства.

Но, обвинителството одбива да истражи како условите на патот се одразиле врз возачот, одбива да ги истражи неправилно поставените заштитни огради, како што стои во извештајот. Документот потврдува дека овие заштитни банкини биле оштетени од претходни несреќи и оти потоа биле поправани и неправилно поставени. Ако биле поставени правилно, би го задржале автобусот и би ја смениле неговата траекторија без тој да влезе во самата банкина.

ЖРТВИТЕ НЕ ЗАГИНАЛЕ ОД УДАРОТ, ТУКУ ОД ПОЖАРОТ

Жртвите не загинале од ударот, туку од пожарот. Нема никаков знак кој возачот би го известил дека доаѓа таков свиок. Бугарската Управа за патишта пред два месеца констатирала дека нема таков знак и реагирала. На патиштата низ Бугарија недостасуваат повеќе од 400 табли, вели истражителот, но министерот за регионален развој молчи, а обвинителството одбива да го истражи сето тоа. Во најтрагичната сообраќајна несреќа во изминатава деценија во Европа животот го загубија 45 патници.