Делата на англиската писателка Агата Кристи (1890-1976) се прередактирани за објавување од издавачката куќа „HarperCollins“, со цел од новите изданија да бидат отстранети деловите кои би можело да ги повредат чувствата на одредени читатели, пишува британскиот весник „Телеграф“.

Станува збор за новите изданија, коишто во моментов се планираат за објавување или за оние кои веќе се објавени по 2020 година, се додава во написот. Редактираните текстови на делата напишани во периодот меѓу 1920 и 1976 година вклучуваат, меѓу другото, отстранување на пасусите кои содржат „описи, навреди или упатување на етничка припадност“.

Се наведува дека во голем број случаи биле направени и промени во наративот „од името на авторката“, вклучително и за внатрешните монолози на ликовите г-ца Марпл или Херкул Поаро, двата легендарни лика на Кристи. Отстранети се, исто така, и фрагменти на „антипатичните“ ликови, се додава.

Променет е и вокабуларот, со отстранување на терминот „ориентален“. Други описи се изменети во некои случаи, „слуга црнец“, првично опишан како насмеан, бидејќи „ја разбира потребата да се молчи за инцидент“, сега опишан како ниту црн ниту насмеан, туку едноставно како „кимнување со главата“.

На пример, од романот „Смрт на Нил“, објавен во 1937 година, отстранет е фрагмент од изјавата на ликот г-ѓа Алертон во којашто таа се жали на „одвратните“ очи и носови на група деца, а од романот „Мистериозната афера во Стајлс“ од 1920 година е отстранет описот на главниот лик на Поаро за друг лик како „се разбира, Евреин“.

Исто така, оригиналниот израз „неговиот индиски карактер“ збирка „Последните дела на г-ца Марпл и два расказа“, издадена во 1979 година во новата верзија на текстот е отстранет поимот „индиски“, а од романот „Карипската мистерија“ од 1964 година е отстранет цел пасус, во кој ликот ноќта не забележал црна девојка во грмушките.

Книгите на Агата Кристи, инаку, се меѓу најобјавуваните во историјата на човештвото. Писателката, исто така, се вбројува и меѓу најпреведуваните автори. Нема информации за реакциите или согласноста на наследниците на авторските права.

Станува збор за тренд на „чистење“ на класичните дела од ткн „навредливи описи“ според „современата чувствителност“ во неолибертаријанските тенденции, како што претходно се случи и со делата на Роалд Дал и Јан Флеминг кои, исто така, беа прередактирани од современи издавачи.

Така, пред осум години беше редактиран славниот роман за деца „Пипи Долгиот Чорап“, на починатата шведска авторка Астрид Линдгрен, „во согласност со модерните времиња“, па книгата веќе нема да содржи описи кои некои ги сметаат за расистички.

Во оригиналната верзија, таткото на русокосото девојче Пипи Долгиот Чорап живее во Јужните мориња каде што е „црнечки (негро) крал“, референца коишто некои последните години ја критикуваат како расистичка, што во новите изданија ќе биде заменето само со „крал на Јужните мориња“.

Пипи, која во првата книга има девет години, е неконвенционално разиграно девојченце со натчовечка сила којашто не ги почитува авторитетите, а некои ја доживуваат и како феминистичка икона, активистка за човекови права и хероина во борбата за слабите и експлоатираните.