Четиригодишно девојче од Ѓаковица вчера под се уште неразјаснети околности починало во болница во Приштина, но се сомнева дека им подлегнала на повредите што и ги нанеле братучедите од нејзиниот вујко. Таа починала во болница во Приштина, каде во тешка состојба била префрлена од болницата во Ѓаковица.

Лекарите во болницата во Ѓаковица и рекле на мајка ѝ дека има повреди по телото од братучедите од нејзиниот вујко со кои наводно си играла во дворот од куќата вујко ѝ, каде дошла на гости со нејзината мајка.

Нејзината мајка Хајра раскажала дека девојчето ѝ кажало дека децата кои ја тепале се членови на семејството на нејзиниот вујко.

„Кога ја зедов во раце, не можеше да оди, само плачеше“, рекла мајката.

Несреќното девојче имало модринки на долниот дел на грбот и оток на градниот кош, што го констатирале лекарите во Ѓаковица, но поради сериозните повреди, кои подоцна биле констатирани, во пределот на главата, веднаш била префрлена во болницата во Приштина.

Иако лекарите во Ѓаковица констатирале повреди, нејзината мајка изјавила дека има друга причина за смртта. Таа тврди дека дежурниот лекар во болницата во Приштина среде ноќ и рекол дека девојчето има голема инфекција и дека крвари поради инфекцијата.

И лекарскиот совет се согласил со констатацијата дека девојчето починало како последица на крварење предизвикано од инфекција, па на прашањето дали инфекцијата настанала со тепање или несоодветен третман ќе се одговори подоцна.

Одговорот на тоа прашање ќе даде истрагата, бидејќи надлежниот обвинител донел наредба за поведување истражен случај за смрт, а се очекува и извештајот на Институтот за судска медицина, каде телото е испратено на обдукција.