На денешен ден пред 45 години (15- ти април 1979 година), Црна Гора ја потресе катастрофален земјотрес од 6.9 степени, во кој загинаа 101 лице, а беше уништен голем дел од брегот.

Силниот земјотрес добро го паметат соговорниците на ТВЦГ, меѓу кои беше и ученик од Италија, кој на 15 април беше на екскурзија во Црна Гора. За чиста среќа, тие преживеаја, а ТВЦГ во својот прилог ги оживува траорните спомени преку лични сведоштва.

Заедничка фотографија на четворица пријатели, кои дошле од Италија на екскурзија во Црна Гора, била снимена рано наутро на 15 април 1979 година. Не долго потоа, идиличната околина на Сутоморе била заменета со ужасот на земјотресот.

„Се вративме во хотелот околу 7:15 часот и во тој момент почна страшно да се тресе. Почнавме да бегаме, додека Бачко ми помогна да поминам низ заглавената врата. Истрчавме до плажата, на безбедно, бидејќи целиот хотел се нишаше од земјотресот“, вели директорот на Центарот за борба против организираниот криминал во Италија, Алфредо Луци.

А на фотографијата од Сутоморе е школскиот другар на Алфредо, Бранислав Бачко Краљевиќ, кој верува дека преживеале благодарение на сплет на среќни околности.

„Беше планирано да престојуваме во хотелот Агава во Бар, за кој се знае дека се сруши како кула карти, но не останавме таму бидејќи се подготвуваше за сезоната и го поправаа, па нè сместија во хотелот Никшиќ во Сутоморе“, се сеќава тој.

„Трчавме до плажата, беше неверојатно, како некој да ви го движи тепихот под нозете. Се сеќавам како да беше вчера, куќи паѓаа, покриви паѓаа, Созиното брдо паѓаше, карпи паѓаа, Волујица во чад, не знаевме што не удри“, вели Краљевиќ.

Паника настанала и во Италија бидејќи два дена немале никакви информации за своите најблиски, додека наставниците и децата се обидувале што поскоро да излезат од погодената област.

„Следниот ден со нашиот автобус се упативме што подалеку од зоната на земјотресот, кон Дубровник, со двајца наставници кои не придружуваа“, вели Алфредо Луци.

„Италијанската полиција се вклучи и стапи во контакт со еден од нашите радио аматери кој рече дека видел автобус со римски или италијански регистерски таблички како поминува низ Будва, а потоа во нив имало надеж дека сè уште сме живи“, се сеќава Краљевиќ.

И не помина долго пред децата да се сретнат со своите семејства. Со траект од Дубровник беа префрлени во Бари, каде ги пречека тогашниот претседател на Италија, Сандро Пертини, како и бројни новинарски екипи. 45 години подоцна емоциите се уште се силни.

„Како на филм, се сеќавам на секој детал бидејќи ми е врежан во меморијата“, вели Краљевиќ.

„После толку години, ова е сè уште емотивен момент. Беше патување за паметење, и за добро и за лошо“, вели Луци.

Алфредо и Бачко, за разлика од многумина, имаа среќа. 101 лице во Црна Гора и 35 во Албанија не го преживеаја земјотресот од речиси 7 степени по Рихтер. Земјотресот предизвика катастрофални разурнувања на целото црногорско крајбрежје.