Едно од девојчињата што претепаа 15 годишна соученичка кај грчкиот конзулат, добила педагошка мерка опомена пред исклучување, тврди за Слободен печат директорката на гимназијата Јосип Броз Тито Силвана Кржовска. Причината не била самата тепачка која беше снимена кај грчкиот конзулат од врсници кои навиваа и го поттикнуваа насилството, туку тоа што после инцидентот, девојчето во делокругот на училиштето пред сведоци се обратила кон соученичката нејзина жртва со зборовите ,,Дај да ти го сликам модрото око”.
Ова била причината што наставничкиот совет изрекол едногласна педагошка мерка опомена пред исклучување. Вчера пак, родителот на опоменатата укорена ученичка, им се заканувал на вработените во училиштето. Кржовска за Слободен печат вели дека заканите биле и кон децата на вработените и дека се е пријавено во полиција. Таткото на укорената ученичка закупил и билборд пред гимназијата во централното градско подрачје на кој пишува ,,Правда”.
– Ве информирам дека ние како училиште во однос на немилиот настан тепачка меѓу соученички малолетнички ги презедовме сите мерки кои се во наша надлежност. Повикани се родители на разговор, разговарано е со ученичките, известени се сите надлежни институции за понатамошно постапување, одржан е совет на година и наставнички совет и истиот едногласно изрече педагошка мерка опомена пред исклучување а не префрлување во друг клас како што е презентирано во јавноста. За истата се информирани родителите. Ние како училиште како и досега и понатаму ќе работиме на воспитниот елемент особено во делот на превенција. А во врска со вчерашните случувања пријавено е во надлежните институции и е во рамки на нивната надлежност за понатамошно постапување, изјави за Слободен печат директорката на гимназијата Јосип Броз Тито Кржовска.
Како што веќе објави Слободен печат вчера во 17 часот и 50 минути во полициската станица Центар професорка од скопската гимназија ,,Јосип Броз Тито” пријавила дека таа, директорката и вработени во училиштето биле вознемирувани од М.К. родител на ученичка. Од МВР за ,,Слободен печат” велат дека преземаат мерки за расчистување на случајот.
Родителот пријавен за вознемирување, за Канал 5 демантираше дека упатувал закани кон вработените во гимназијата но призна дека билбордот го закупил во знак на револт и несогласување.
– Почнувајќи од денот на инцидентот на 9 февруари годинава, па до денес се пласираат лажни вести. Вчера го нарачав билбордот ,,Правда” за мојата ќерка во училиштето. Лага е дека ќерката е префрлена во друг клас. Иако инцидентот се случил надвор од училиштето, ми вршеа притисок сам да ја отпишам бидејќи во спротивно тие ќе ја отстранат, за на крај да и изречат мерка укор пред исклучување и непримерно поведение од каде што произлезе нашето незадоволство и идејата за билбордот Правда. Најодговорно изјавувам дека немаше никакво вознемирување од наша страна, вели родителот за Канал 5.