Украинскиот претседател Володомир Зеленски рано утринава преку видео порака до нацијата даде оптимистичка оценка за војната и ги повика Украинците да продолжат со отпорот, јавија британските медиуми.

„Ние сме нација која една недела ги осуетува плановите на непријателот“, рече тој.

„Тука нема да имаат мир. Нема да имаат храна. Овде нема да имаат мир“, рече Зеленски.

Тој не коментираше дали руските сили зазеле неколку градови, вклучувајќи го и Херсон.

„Доколку отишле некаде, тоа е само привремено. Ќе ги потиснеме“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател додаде дека борбите влијаеле врз духот на руските војници кои „одат во продавници за храна и се обидуваат да најдат нешто за јадење“.

„Тоа не се борци на велесила. Тоа се збунети деца кои се искористени“, рече Зеленски.

Според него, бројот на убиени на руска страна веќе достигна 9.000.

„Украина не сака да биде покриена со тела на војници“, изјави украинскиот претседател во утринската видео порака.

ОН: Милион бегалци ја напуштија Украина за една недела

Милион бегалци ја напуштија Украина и заминаа во соседни земји од почетокот на рускиот напад пред недела дена. За ова информираше денеска, високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди.

„За само седум дена, бевме сведоци на егзодусот на милион бегалци од Украина во соседни земји“, напиша Гранди на Twitter.

Тој додаде дека за милиони други лица, внатре во Украина, време е оружјето да „стивне“, за да може да пристигне хуманитарната помош и да се спасат човечки животи.

Денеска втора рунда преговори меѓу Москва и Киев

Денеска се очекува да се одржи втора рунда преговори меѓу Москва и Киев, фокусирана на прекин на огнот, една недела по руската инвазија врз Украина.

Шефот на руската делегација Владимир Медински изјави дека украинската страна е на пат, јавија руските медиуми.

Како што пренесе DPA, двете страни се договорија да разговараат во регионот Брест во западна Белорусија, а руската војска планира „безбедносен коридор“ за да ѝ дозволи на украинската делегација да помине.

Украинската страна потврди дека се согласила на разговор, без да прецизира детали.

Украинското Министерство за надворешни работи, сепак, побара од Русија да прогласи прекин на огнот во тешко погодените источни региони на Харков и Суми за да им се овозможи на цивилите да дојдат на безбедна локација.

Првите преговори во понеделникот на белоруско-украинската граница не донесоа опипливи резултати.