Огромни редици за евтинo масло во Бугарија. Еден човек на возраст од 77 години починал додека чекал ред во еден од големите хипермаркети во комплексот Славејков во Бургас. На местото на настанот пристигнала брза помош која констатирала смрт.

Еден час пред да се отвори продавницата, редицата за евтино масло се броела во стотици лица, иако температурите околу 6 – 7 часот наутро изнесувале околу минус 10 степени, објави бугарските медиуми.

Кога се отвориле вратите, несреќниот човек меѓу првите стигнал до палетите со масло, но таму му се слошило. Огромни редици и конфликти имало и во други малопродажни места во земјава.

– Во 6:40 веќе имаше голема редица и гужва, барем според мое мислење и пресметка имаше најмалку 200 луѓе. Сите бевме многу смирени во редот додека чекавме, но кога се отвори вратата – хаос!, изјави очевидец за БТВ Новините.

Иван Бакарџиев чекал во редот со починатиот на температури под нулата, а потоа го видел внатре покрај шишињата со масло.

– Лежеше на грб, потпрен на палета, Не видов дали некој го удри, сигурно имаше инфаркт или мозочен удар, изјави Иван Бакарџиев.

Обдукцијата во судска медицина ќе ја утврдува причината за смртта на мажот. Купувачите велат дека ситуацијата била како војна и сите приграбиле две или три гајби зејтин.

Веста дека во еден од големите синџири зејтинот денеска ќе биде под 3 лева за литар беше доволна да предизвика бура во сите продавници на овој малопродажен синџир. И покрај температурите под нулата, редици имало уште од зори.

Така беше во сите градови каде што дотичниот синџир лансираше поевтино масло. Снимките се од Враца, Софија, Бургас, Јамбол.

И производителите и трговците тврдат дека масло има и не треба да се создаваат вакви редици и гужви.

📸

📸