Италијанската полиција се обидува да ги расветли сите детали за бруталното убиство на Селина Фреј Мацол (21), за која се верува дека била убиена од нејзиното поранешно момче, Турчинот Омер Чим (28), две недели по нивното раскинување. Телото на девојчето било пронајдено во неделата во станот на Омер во населеното место Силандро на северот од Италија, речиси непрепознатливо од убодните рани.
Според весникот „Ла република“, Селина пред две недели раскинала со турскиот државјанин Омер, но во саботата, како што се сомнева, тој ја повикал на средба и разговор.
Таткото на убиеното девојче го пријавил нејзиното исчезнување на 12-ти август, откако Селина долго време не се јавувала на нејзиниот мобилен телефон. Исплашениот татко повикал полиција, а потоа вчера отишол во зградата на Омер. Кога пристигнала патролата, на вратата од станот виделе траги од крв. Влегувајќи во станот нашле грозоморна сцена, Селина лежела во локва крв со бројни убодни рани на вратот и градите, додека Омер го немало никаде.
После убиството, сторителот со автомобил почнал да бега кон Австрија. Веднаш следела потера, а полицијата на крајот морала да пука во тркалата од неговиот автомобил за да го спречи.
Медиумите пренесуваат дека Селина и Омер биле во врска околу четири месеци, а раскинале пред околу две недели. Брзо по раскинувањето, Омер објави фотографија на Фејсбук со зборовите:
„Никогаш не мислев дека можеш да изгубиш сѐ поради една грешка“. Роднините на убиената девојка веруваат дека ова е доказ дека Омер планирал да ја убие Селина по раскинувањето.
Мештаните ја раскажуваат приказната дека младата девојка работела во Здружението на фармери, прво како месар, а потоа како келнер во познат хотел во Силандро. Тие тврдат дека Омер изгледал како да е добро и пристојно момче и се во целосен шок поради убиството.