Детективот Милан Новаковиќ, поранешен началник на Управата за криминалистичка полиција, за „Блиц“ вели дека тоа што полицијата ги истражува дејствијата на сите членови на семејството, вклучително и мајката и таткото кои биле подложени на полиграфски преглед, не значи дека тие се виновни за било што.

-Оваа потрага трае од вчера, а кога нема резултати тогаш треба да одиме на цториот чекор, истрагата се проширува. Таа најблиска средина е истражена. Обично, на почетокот, прво се оди на полиграфско испитување. Причината не мора да биде сомнежот на родителите или некој од членовите на семејството дека нешто му направиле на детето, туку едноставно се прибегнало бидејќи детето не било пронајдено на теренската потрага – вели Новаковиќ.

Девојчето Данка Илиќ исчезна во вторникот рано попладне во приградската населба Бањско поле кај Бор. Во текот на ноќта и денеска повеќе од 1.000 граѓани, доброволци, полицајци, пожарникари и припадници на Жандармеријата ја бараа низ трње, кал и грмушки. Според последните информации до кои дојде „Блиц“, мобилниот телефон и бил одземен на мајката и испратен на вештачење.

– Ќе се следи каква била комуникацијата (на членовите на семејството) во последниот период, со кого и кога разменувале пораки и јавувања. Ќе се проверуваат и сметките на социјалните мрежи, имејл адресите, кои веб страници биле посетени… – вели Новаковиќ.

Треба уште еднаш да се нагласи дека оваа линија на истрага во никој случај не значи дека некој од пошироката средина на семејството, соседите и пријателите е виновен за исчезнувањето на Данка. Напротив, нивните приватни контакти можат да и помогнат на истрагата, на пример, да ја открие улогата на трето лице во кое сега никој не се сомнева.

– Сето ова е направено со цел да се најде трага која би можела да помогне во пронаоѓањето на детето. Посебно ќе се внимава какви познанства имаат членовите на семејството во Србија и во странство, ќе се истражат нивните патувања… Мораме да навлегуваме во ситни детали, бидејќи сега се обидуваме да откриеме дали истрагата води во поинаква насока – вели Новаковиќ.