Докторот на данската репрезентација раскажа што се случувало кога пришол да му помогне на фудбалерот кој без свест лежеше на тревата.
Претставниците на лекарскиот тим на Интер, дадоа изјава во која велат дека нивниот играч Кристијан Ериксен без проблеми ги минал сите прегледи, и дека кај него не се забележани било какви срцеви проблеми, ниту имал коронавирус. Засега причината за колапсот на Ериксен за време на мечот Данска – Финска не е позната, но се претпоставува дека имал срцев удар.
Откако на Ериксен 15 минути на терен му беше давана лекарска помош, тој беше пренесен во болница, а детали од борбата за животот на фудбалерот искажа докторот на данската репрезентација, Мортен Боесен.
„Кога стигнавме до него, тој дишеше. Но, состојбата се смени многу брзо, и почнавме со масажа на срцето. Добивме фантастична помош од докторот од стадионот и другите лица од брзата помош. Благодарение на заедничката соработка со нив, успеавме да го вратиме Кристијан. Пред да го однесат во болница, тој зборуваше со мене“ – раскажа Боесен.