Во Германија половните автомобили во рок од една година поскапеле за речиси третина, јави агенцијата за анализа на пазарот ДАТ.

„Во април вообичаен, три години стар автомобил со бензински мотор бил 30,1 отсто поскап од сличен автомобил во април минатата година“, се наведува во анализата на ДАТ. Во просек три години стар автомобил со бензински мотор чинел 27.900 евра.

Автомобилите со мотори на дизел поскапеле уште повеќе, за 31,8 отсто, па во просек за три години стари „дизелаши“ треба да се издвојат 28,960 евра.

Според проценките на аналитичарите, цената на половните автомобили растат поради намалената понуда на нови. Коронакризата влијаеше на недостигот од чипови и останати делови за автомобилската индустрија што ги намали капацитетите.

Истовремено и цените на новите автомобили во последните три години пораснале за седум отсто. Значителниот пораст на цените на половните автомобили не се однесува само на автомобилите до три години туку и на постарите модели.

„Кога е понудата ограничена, расте побарувачката и за постарите модели и тоа нормално ја крева цената“, кажа портпаролот на ДАТ.

Расправата која во Германија се водеше пред коронакризата која дури предвидуваше делумна забрана на автомобилите на дизел повеќе не влијае врз намалена побарувачка по овие возила, што беше забележливо во екот на дебатата.

Според податоците на ДАТ, но и на најголемиот интернет портал за половни автомобили mobile.de, забележана е побарувачка за половни „дизелаши“, особено за оние со посилни мотори.