Педесет болнички кревети се исполнети во штипското Инфективно одделение, а за 24 часа инфектолозите имале и 70 дневни прегледи.

Портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска информира дека вчера имаат примено девет пациенти заразени со коронавирусот, а 37 се на кислородна поддршка. Во Кожното одделение се хоспитализирани шестмина пациенти, кои чекаат да заминат на домашно лекување. Двајца пациенти од Штип и Кочани на возраст од 66 и 46 години ја изгубија битката со вирусот во Ковид центарот.

Во штипскиот вакцинален пункт трета доза досега примиле 1.650 граѓани, кои вообичаено биле имунизирани со кинеските вакцини.

Дијана Коцева-Миланова координатор на вакциналниот пункт во ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов”-Штип за МИА вели дека дневно за бустер дозата имаат од 200 до 300 пациенти, додека за прва доза дневно им се јавуваат над 20 граѓани. Коцева-Миланова информира дека утре вакциналниот пункт нема да биде отворен, со работа продолжуваат во понеделник.