Руската спортска јавност е шокирана од веста дека фудбалерите Јан Журавлев (32 години) и Данил Хилобок (33 години), соиграчи од нисколигашот ПОЗ-Прогрес, починале во ист ден, секој во својот стан, веднаш после тренингот на тимот.
Според првичните информации кои ги објавија руските медиуми, прелиминарната причина за смртта е срцев удар. Додека Журавлев претходно имал проблеми со срцето, Хилобок никогаш не пријавил никакви здравствени проблеми.
„Вечен спомен, момци. Никој не верува дека ве нема“ – објави клубот каде беа членови двајцата фудбалери.
Руската агенција „РИА Новости“ јавува дека двајцата фудбалери починале во сон, а надлежните органи покренале истрага.
„Нареден е судско-медицински преглед за да се утврди точната причина за смртта, затоа што навистина е мистериозно како е можно и двајцата да починат од иста смрт веднаш по тренинг“ – изјави Александар Шулга, виш помошник на шефот на Истражниот комитет на Руската Федерација.
Журавлев зад себе остави сопруга и три деца, а неговата мајка нагласува дека никогаш не користел допинг или било какви недозволени супстанци.