По денешната целодневна подготовка на теренот, во доцните попладневни часови од езерото Салаковац во Босна и Херцеговина беше извлечена цистерна на компанијата „Суша комерц“, чиј возач, Мустафа Ибришевиќ (64) загина во сообраќајна несреќа што се случи вчера на магистралниот пат М-17 во Дрежница северно од Мостар.

Денеска е извршена обдукција на телото на трагично загинатиот Ибришевиќ. Како што соопштија од Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон, смртта настапила од давење.

Возачот на комбето, Словенецот Боштјан Фурек од Птуј, е хоспитализиран во Кантоналната болница „Д-р Сафет Мујиќ“, а како што е соопштено се здобил со полесни повреди.

Тој утре ќе биде предаден во надлежност на Обвинителството на ХНК. По сослушувањето, обвинителот се очекува да упати предлог за одредување на притвор, јавуваат босанските медиуми.

Иако на лице место се претпоставувало дека Словенецот бил под дејство на алкохол, сепак алкотестот тоа не го потврдил.

Сепак, земени се мостри од крв и урина за сите потребни вештачења, а наредени се и сите други истражни дејствија. Седум патници од комбето се здобиле со полесни повреди.

📸

📸

📸