Кучето од расата Булмастиф кое се чува како домашен миленик не може да нападне од страв, туку поради агресивност која ја добило од својот сопственик, објаснија за „А1он од пансионот за обука на кучиња „Ристе Гиовски Тим“.
Обучувачи од центарот за обука објаснија кои се причините за големата трагедија која ја потресе Македонија во која осумгодишно дете од скопската населба Пинтија почина по напад од куче од расата Булмастиф. Трагедијата се случила откако детето се приближило до дворот каде што го чувале кучето, по што било нападнато.
Велат дека ниедно куче не е родено со агресија, таа е стекната при воспитувањето на кучето, исто како што се воспитуваат и децата.
– Секое куче без разлика на расата во зависност од одгледувањето во домашната средина е олицетворение на сопственикот. Ако е со полош карактер, се дресира построго и обратно. За тоа куче да нападне дете треба да биде агресивно многу. Кучињата не ги напаѓаат децата затоа што не гледаат опасност поради висината на децата. Колку е повисок и повозрасен човек, кучето чувствува поголем страв и може да нападне. Но, домашниот Булмастиф не нападнал од страв. Тоа мора да е агресивно и поради тоа нападнало.
– Ова куче не напаѓа од страв. А неговата состојба сопственикот морал да ја знае и да го чува во бокс, а не на слобода. Тоа е катастрофа што се случило – истакнаа за „А1он“ од „Ристе Гиовски Тим“.
Детето со тешки телесни повреди е префрлено во Градската општа болница каде починало.
„Вчера попладне во 17.22 часот во нашата клиника беше донесено 8 годишно дете со сериозни повреди во пределот на главата и вратот нанесени од каснување на куче. Во моментот на прием детето е без знаци на живот со проширени зеници и без срцева акција. Веднаш е направена реанимациска постапка, но за жал без успех. Големата рана на вратот, каде што минуваат главните крвни садови, довела детето да искрвави“, вели Љубен Арсенков, директор на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св Наум Охридски“ за „Макфакс“.
Телото на детето е предадено на обдукција. Претходно, МВР соопшти дека кучето кое го нападнало детето било на сосед, кој живеел во близина.