Велика Британија планира од септември да воведе трета доза на вакцина за лицата над 50 години, бидејќи бројот на позитивни случаи е најголем од јануари досега.
Програма за зајакнување на вакцинацијата против вирусот корона може да започне за 32 милиони Британци веќе во септември, соопштија официјални лица, пренесува The Sun.
Експертите кои ја советуваат владата во врска со пандемијата во моментов работат на списокот на приоритети, односно разгледуваат кому му е потребна трета доза ако има потреба.
Велика Британија е првата земја во светот што објави привремени упатства за кампањата за зголемување на вакцинацијата, иако многу други земји го разгледуваат истиот предлог.
Во Македонија исто така е најавено дека постои можност за воведување на третата доза на вакцината.
Сѐ уште нема јасен став околу употребата на трета доза на вакцината против коронавирус, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Како што посочи, никој не може со сигурност засега да каже каква ќе биде иднината во однос на вакцинацијата.
– Дали овие две дози ќе бидат доволни или можеби ќе треба и трета, не може со сигурност да се каже. Се поставува и прашањето дали третата доза би била од истиот производител или различен, или пак, некое трето сценарио, па оваа вакцина да прерасне во форма на сезонска вакцина – рече Филипче.
Во меѓувреме, британски експерти истакнуваат дека милиони случаи на коронавирус може да останат неоткриени доколку не се прошири официјалната листа на симптоми. Националната здравствена служба на Обединетото Кралство зема предвид три главни симптоми при одредување кој треба да оди во карантин и да се подложи на PCR тестирање. Тоа се треска, кашлица и промена на сетилото за мирис или вкус.
Сепак, најновите податоци покажуваат дека и други симптоми како што се главоболка, замор и болка во грлото се подеднакво чести!
Всушност, симптомите сега се појавуваат поинаку отколку на почетокот на пандемијата, а британското Национално биро за статистика откри во средата дека најчесто пријавените симптоми на Ковид-19 се кашлица, главоболка и замор / малаксаност.
Нивното истражување покажува дека 61 процент со некои од овие три симптоми добиле позитивен резултат од тестот. Од тоа, 42 проценти страдале од кашлица, 39 проценти пријавиле главоболка, а 38 проценти се пожалиле на замор, пренесува „Дејли меил“.
Една четвртина од луѓето исто така пријавиле болка во мускулите, а 32 проценти изјавиле дека имаат болки во грлото. Секое трето лице пријавило треска, а само петтина го изгубиле мирисот или вкусот.
Друга посебна студија, спроведена од апликацијата Zoe Covid Symptom, покажа дека симптомите на главоболка, болки во грлото и течење на носот сега се најчесто пријавени симптоми.