Минатата година доминантно место во македонската економија имаа и приватните здравствените установи, односно приватните болници и дијагностички лаборатории, чии приходи и добивки веќе се познати од 2020, година која беше во целосна доминација на здравствената пандемија предизвикана од корона кризата, објави порталот Фактор.

Аџибадем Систина, компанија во мешовита сопственост, оствари приход од 41,3 милиони евра и тоа е за 6 отсто повеќе од претходната година, додека добивката на овој клинички центар лани изнесува 5,9 милиони евра што е за 89 отсто подобар резултат од претходната година.

Заедно со „Аџибадем Систина„ најголемиот товар на корона кризата го понесе и приватната клиника Жан Митрев, која оствари приход од 27,7 милиони евра и добивка од 8,1 милиони евра што е 100 отсто повеќе од претходната година.

„Жан Митрев“ за разлика од „Аџибадем Систина“ има многу повисока профитна маргина, а двете клиники имаат сличен процентуален раст на профитот на годишно ниво.

Кај дијагностички – лабораториски услуги лани број еден беше „Авицена Лабораторија“ со зголемен приход за 105 отсто во споредба со 2019 година. Профитот од 1,6 милиони евра е за 9 пати повеќе од 2019 година.

„Биотек Лабораторија“ со реализација од 2,81 милиони евра има пет пати повеќе од претходната година. Добивката изнесува 1,58 милиони евра, а овој резултат е за 77 пати подобар од профитот остварен во 2019 година.