Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници, а гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба, се предвидува во Уставот на Република Македонија.
-Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието. Собранието може да изгласа недоверба на Владата. Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници. Гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба, се наведува во членот 92 од Уставот на РМ.
Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот.
Во истиот член 92 се наведува и дека повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.
Во членот 93 од Уставот, меѓу другото, се предвидува дека на Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада. (МИА)
Собрани 61 потпис
Собрани се потписи од 61 пратеник, но бидејќи е доцна и службите во Собранието веќе не работат, истите утре ќе бидат доставени, по што ќе се гласа недоверба на Владата, јавува собранискиот известувач на ТВ21.
Вечерва во Собранието, средба имаа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица кои договорија ново парламентарно мнозинство.
Откако ќе бидат доставени потписите, во рок од три дена треба да се одржи седница на која доколку има парламентарно мнозинство ќе биде изгласана недоверба на Владата.
Со изгласувањето недоверба, паѓа цела Влада, а потоа започнувата да течат роковите каде што главната улога ја има претседателот на државата Стево Пендаровски.