Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција појасни дека забранетиот влез за невакцинирани од 16 август ќе важи само за организираните настани и за угостителските објекти, како на затворено така и на отворено. Влезот че биде слободен само ако има помалку од 30 присутни, но за тоа кој ќе ги брои ќе се договорат надлежните институции со координација за протоколите во наредната недела.

– Тоа важи само за настани и угостителски објекти и на затворено и на отворено. Нема одлука за институциите. Апелирам до сите приватни и државни институции кои работат со голема бројка на луѓе, истите да ги поттикнат вработените да се вакцинираат, рече Филипче пред новинарите.

Министерот смета дека рок од само една недела е разумен период да се реорганизираат настаните и оние кои планирале свадби и подвлече дека вакцината е единствениот механизам со кој може да се смени сликата на пандемијата.

„Сакаме да го зголемиме опфатот на вакцинацијата за да нема рестрикции како што имаше. Во есенските месеци ќе се зголемат ризик факторите. Има сосема доволно количини на вакцини. Околу 400.000. Секоја недела пристигнуваат 20 до 30 илјади од вакцината Фајзер и таа динамика ќе продолжи. Мораме сите процеси да ги нормализираме. Со прележување, количината на антитела не е доволна“, смета тој.

Министерот додаде дека последните мерки сепак биле најавувани подолго време, иако за јавноста дојдоа сосема неочекувано.

„Воопшто не е доцна за овие мерки, ова се работи кои ги најавувавме и го чекавме моментот. Евидентниот раст на број на пациенти започна и сметаме дека е добар период, бидејќи доаѓа период на месеци кога поголем број на луѓе ќе бидат во затворено.

Да започнат и училиштата како што посакуваме. Анкетите покажуваат дека имаме проблем таму каде што мерките не се почитуваат. Ние и сега имаме соодветни протоколи, но кои очигледно е дека не се почитуваат“, изјави Филипче.

„Со прележан ковид не може да се стекне доволен имунитет. Не е доволно да се прележе и да сте вакцинирани само со една доза. Мора со две дози на вакцини“, кажа Филипче.

Министерот за здравство уште еднаш апелираше на масовна вакцинација, и само така ќе може да се спречи ширењето на коронавирусот и спречување на тешка клиничка слика во овој нов бран.

„Вакцината е единствен инструмент дека ние можеме да ја смениме сликата. Евидентно е дека болеста побрзо се шири кај невакцинираните. И не сакаме да воведуваме порестриктивни мерки. Во есенските месеци очекуваме ризик факторите да се зголемат, затоа што повеќе луѓе ќе се вратат на работа“, кажа Филипче и додаде дека има доволно дози на вакцини за имунизација:

„Има сосема доволно количини на вакцини, 400 илјади, од кои 200 илјади се на Синовак, 50 илјади астра зенека, и 70 илјади Фајзер. Граѓаните да се вакцинираат, да живееме нормално, а тоа може доколку сме максимално имунизирани, и тоа е единствениот начин да се стекне колективен имунитет. Не може имунитет да се стекне со прележан ковид, и не е доволно да сте вакцинирани после прележување само со една доза. Нема доказ дека создава голема количина на имунитет. Единствен начин да се стекне колкетивен имунитет, треба во уште поголем процент да се вакцинираме, и тоа со две дози.“, изјави министерот за здравство.