Спектакуларно бегство од прилепскиот затвор вчера извршил 36 годишен затвореник од Гостивар осуден на 20 години строг затвор поради извршени тешки кражби, објави Канал 5 телевизија.
Бегството не е забележано ниту од безбедносните камери ниту од затворската полиција. Според првичните информации кои денеска треба да бидат потврдени и од надлежните институции во текот на вчерашниот ден околу пладне затвореникот имал посета од неговата мајка и неговата сопруга.
Во текот на посетата без никој да го забележи избегал од затворот а во посебните простории за средби со најблиските останале само двете жени.Oткако завршило времето за посета затворските полицајци забележале дека осуденикот го нема. Алармирана е затворската управа и полицијата. Започната е потрага по затвореникот која на полноќ е прекината, а денеска продолжува. Неговата сопруга и неговата мајка веднаш се приведени во полициската станица во Прилеп на информативен разговор.
Според неофицијалните информации вакво бегството не е можно без надворешна а можеби и внатрешна подршка. Тоа ќе треба да го потврди истрагата.
Најавени се и дисциплински мерки против дежурните затворски полицајци кои биле задолжени безбедно да ја реализираат посетата и да го вратат затвореникот во затворениот дел од затворот.