Во некои од продавниците веќе подолго време не може да се најде сончогледовото масло за јадење, а таму каде што го има, се продава по цени од 130 и 140 денари.
Граѓаните од страв поради економската криза и најавите дека ќе расте цената на маслото за јадење ги испразнија рафтовите. Се бара и последното шише зејтин, а не запира ниту купувањето на големо на брашно, шеќер и останатите основни продукти за прехрана. Иако надлежните смируваат дека има доволно масло за јадење, сепак граѓаните се скептични до кога ќе траат резервите. Информациите дека во Германија во голем дел од маркетите се празни полиците за зејтин, а во Италија цените драстично се пораснати, го подгреваат стравот дека наскоро може да се почувствува недостиг на овој производ и на македонскиот пазар.
Нема проблеми со снабдување
Но, министерот за економија, Крешник Бектеши, уверува дека на пазарот во земјата нема проблем со производство и со снабдување на масло за јадење.
„Редовно сме во комуникација со производителите на масло за јадење во државата и согласно податоците што ги добиваме од нивна страна тие редовно ги снабдуваат сите трговци на мало со овој производ“, изјави во вторникот (05.04) Бектеши.
Во Северна Македонија има три големи производители на масло за јадење. Дел од нив најавуваат дека имаат залихи за овој месец, а се чекаат и нови пратки од Србија, коишто ќе треба да ги задоволат потребите за наредните месеци. Но, никој не знае по која цена ќе го купи зејтинот веќе идната недела.
Разлика во цените
Граѓаните се жалат дека маслото од еден ист производител често може да се најде со различна цена по продавниците, која не отскокнува само за 10 или 20 денари, туку понекогаш достигнува и до 50 денари разлика. Цената на сончогледовото масло некаде го надмина и прагот од 130 денари за литар. Државниот пазарен инспекторат е на терен и врши контрола на трговците на мало. Доколку се утврдат неправилности се најавуваат соодветни мерки.
Имајќи предвид дека има зголемување на берзите во однос на суровото масло, Бектеши вели дека затоа има одредени покачувања на цените. „Најважно во вакви моменти е дека во Северна Македонија нема проблем во делот со снабдување и производство на масло за јадење. Ние ги следиме редовно состојбите и ако е потребно ќе донесеме дополнителни мерки се со цел да го ублажиме притисокот во делот на цените“, дециден е министерот.
Што се однесува до основните прехранбени производи, Владата донесе одлука за намалување на ДДВ од пет на нула отсто, а се најавуваат и други мерки за утврдување на одредени количини кои преку Министерството за земјоделство би можеле да бидат субвенционирани за домашните производители.