Украинскиот дипломат и поранешен амбасадор во Австрија, Олександер Шерба, на „Твитер“ објави дека чеченскиот генерал Магомед Тушаев нема да се врати дома. Ова беше протолкувано дека војниците го убиле на територија на Украина.

„Рускиот чеченски генерал Магомед Тушаев нема да се врати дома од Украина. Што изгуби во Украина, Магомед, а?“, напиша тој на Твитер.

На социјалните мрежи се појавија неколку видеа на кои се гледа како чеченските борци во Грозни се подготвуваат да заминат за Украина. Чеченија порано војуваше со Русија, но сега е под контрола на режимот на Путин.

Рамзан Кадиров, лидерот на руската провинција Чеченија и сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, тврди дека чеченските борци се распоредени во Украина и побара од Украинците да ја соборат нивната влада.

Кадиров рече дека чеченските војници досега не претрпеле загуби, додавајќи дека руските сили лесно можат да ги освојат големите украински градови, но дека нивната задача е да избегнат загуби во човечки животи.