Министерот за животна средина на Доминиканската Република, Орландо Хорхе Мера е убиен денеска со седум истрели во зградата во која се наоѓа неговото министерство, изјавија за АФП извори во институцијата.

Вооружен маж упаднал во просторијата каде што министерот имал средба со замениците и пукал, соопштија три извори од министерството кои сакале да останат анонимни.

Полицијата се уште не излегла со соопштение. Екипите на АФП на местото на настанот забележале дека елитните полициски сили влегуваат во зградата каде, според локалните медиуми, бил забарикадиран осомничениот за нападот.

„Згрозени сме од она што се случи“, објави Министерството за животна средина на Твитер, без да даде детали за напаѓачот, кој се чини дека имал пристап до безбедносната зона на министерството.

Министерот за животна средина бил син на поранешниот доминикански претседател Салвадор Хорхе Блан (1982-1986).

Пријател му пресудил на министерот

Личните недоразбирања бил мотивот поради кој осомничениот Фаусто Мигел Круз испукал седум истрели кои го усмртиле министерот за животна средина.

Круз и Хорхе Мера биле пријатели од детството, поради што службеникот им одобрил да влезат во неговата канцеларија, вооружени.

Извор на највисоко ниво потврдил за N Digital дека Хорхе Мера и Круз биле сами во канцеларијата, каде што се водела жестока дискусија која завршила со смрт на министерот.