Ева Таво, ќерка на Ванѓел Таво, поранешен пратеник и поранешен министер за здравство во Албанија, е загинатата девојка во несреќата на патот Тетово – Скопје.

„Ова се најтешките зборови што сум ги напишал во животот. Мојата најстара ќерка Ева почина во цутот на младоста, во најубавата возраст, каква што беше и самата. Погребот ќе се изврши в четврток на 30 ноември во 11 часот во Јоргукат, Ѓирокастро“, напиша Ванѓел Таво на „Фејсбук“. Веста ја потврдија и од МВР.

„На 28.11.2023 година, во 14 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот ‘Мајка Тереза’, во правец од Тетово кон Скопје, во реонот на с. Ласкарци, патничко возило ‘ауди’, со албански регистерски таблички, кое го управувал албанскиот државјанин В. М. (40), излетал од патот. Од добиените повреди во незгодата на самото место починала сопатничката Е. Т. (24) од Р. Албанија, а лекар од итната медицинска помош констатирала смрт. Во меѓувреме, возачот В. М. е тешко повреден“, соопшти македонското МВР.