Ања Бороњек, натпреварувачка во хрватската ријалити емисија „Љубовта е на село“, почина од труење со јаглерод моноксид, јавуваат утрово хрватските медиуми.
Тихомир Кмезиќ и неговата пријателка Ања Бороњек се пронајдени мртви во семејната куќа во Нова Градишка. Дека во Нова Градишка се случила трагедија потврди и полицијата.
– Истрагата утврди дека во периодот од 3 до 5 февруари поради неисправна инсталација на печки на цврсто гориво во семејната куќа истекол гас јаглерод моноксид, кој предизвикал труење и смрт на две лица. Во Нова Градишка на улица во саботата околу 17 часот и 30 минути во семејниот дом биле пронајдени две безживотни тела (маж роден 1982 година и жена родена 1984 година), соопшти полицијата, пренесуваат хрватските медиуми.
Прегледот на мртвите тела не покажал траги на насилство. Истрагата е спроведена во заедничка соработка меѓу окружното државно обвинителство, полицијата и инспекторот за противпожарна заштита, се вели во соопштението.
Ања многу гледачи ја паметат од реалното шоу кое се емитуваше во 2016 година. Таму се обидувала да најде љубов, а на око и паднал фармерот Алојз, кој се заљубил во неа. Епизодите во кои таа учествуваше беа исклучително добро гледани. Поради него го оставила тогашниот вереник, но Алојз на крајот не ја избрал.
Печка на пелети е причина за трагедијата
– Сите на улицата се во шок. Беше тивок многу добар сосед, секогаш подготвен да помогне. Таа саботна вечер излеговме пред куќите кога видовме полиција, не ни беше јасно што се случува. За жал, ни рекоа дека нашиот сосед и една жена се пронајдени мртви во куќата – изјави Злата Пазман, првата сосетка на несреќниот млад човек.
Знам дека имаше печка на пелети. Колку што знам нешто се случило со печката и најверојатно чад излегол во внатрешноста на куќата наместо во оџакот. Ги зашеметил и ги задушил – изјави Злата.
Несреќниот млад човек живеел во мала куќичка во дворот од семејната куќа, која се наоѓала покрај патот во сопственост на неговата сестра и во која немало никој.
– Неговата сестра живее и работи во Англија. Со оглед на тоа што веќе неколку дена не се слушнала со својот брат, и рекла на ќерка си да оди да види што се случило со нејзиниот вујко. На мобилен му вртела неговата внука, но тој не се јавил. Таа решила да си оди дома со своето момче и неговиот татко. Кога стигнале до влезната врата повторно му вртела на нејзиниот вујко, го слушнале мобилниот телефон како ѕвони зад заклучената врата. Таткото на нејзиното момче решил да ја скрши вратата. Кога влегле го нашле Тихомир Кмезиќ мртов, но не бил единствениот, во соседната соба нашле мртва млада жена. Се јавиле во полиција која пристигнала набргу, а подоцна пристигнале и од криминалистичката полиција од Загреб – раскажал сосед, додавајќи дека соседот кој живеел во куќата пред Кмезиќ му рекол дека последен пат видел светлина и чад од оџакот во саботата, една недела пред да бидат пронајдени мртви.
– Шок и неверување, што да ви кажам. Страшно е тоа што се случи. Живееше тивко сам, сестра му беше во странство, родителите им умреа. Со него никогаш немало никакви проблеми, се уште не веруваме дека нема да го видиме повеќе – изјавила сосетката Иванка.
Ивана, сестрата на Тихомир која живее и работи во Англија, во неделата вечерта дошла во Нова Градишка откако дознала за тажната вест за тоа што му се случило на нејзиниот брат.