Сцени како од криминалистички филм ни доаѓаат од Албанија, а истите се одвивале во затворот со максимална безбедност Пеќин, централна Албанија.
Имено, како што јавуваат медиумите 28-годишниот затвореник осуден на доживотен затвор Сокол Мјачај го убил затвореникот Арбен Леши и го ранил Индрит Шаќе, кој е надвор од животна опасност. Иако првично беа објавени ифнормации дека пиштолот со кој Мјачај го извршил нападот стигнал до неговите раце „од небото“, односно со дрон, сепак подоцна тоа беше демантирано.
Од затворот во Пеќин на сослушување се спроведени 18 лица, стражари и цивили, бидејќи постои сомневање дека соработувале со Сокол Мјачај за внесување оружје во затворските простории.
Според доказите, се сомнева дека оружјето влегло во затворските простории пред околу 1 месец и Мјачај го чекал моментот да го убие Арбен Леши.
Мјачај изјави дека имал конфликт со Леши бидејќи овој не го примил во одделот, но според обвинителството тоа е само алиби и главната трага наведува на нешто друго. Мјачај изјавил дека оружјето го добил пред 20-ина дена од влезот, односно по копно.
Мјачај е префрлен во друг затвор кој поради истрагите и опасноста на случајот не се открива. Тој е осуден на доживотен затвор за убиство на двајца чешки туристи. При вчерашниот инцидент, Мјачај под закана со пиштол ги држел како заложници кујнските работници во затворот, кои по неколку часа беа ослободени со интервенција на бројни полициски сили, кои ја ставија ситуацијата под контрола.
Земјата е во состојба на готовност бидејќи гласините за немири кружат низ затворите во земјата каде што во последно време се држат многу од големите имиња на организираниот криминал.