Телевизија Сител во вестите во 16 часот прикажа снимки направени од дрон, кои го отсликуваат целиот пустош направен од огнените јазици во Кочани. За среќа во пожарот нема човечки жртви, а десетина лица побарале лекарска помош бидејќи вдишиле чад, но биле пуштени дома во добра здравствена состојба.

Локалната самоуправа на Кочани издвои два милиони денари од сопствената сметка, како почетна помош за граѓаните чии објекти и друг имот се оштетени од пожарот.

Едногласна одлука за пренамена на средствата во буџетот донесе Советот на Општината на денешната вонредна седница, на која беше формирана и стручна комисија за проценка на штетите од огнената стихија.

– Со оглед на итноста на одлуката, ги зголемуваме средствата определени со програмата на Советот за постојани резерви, при што се прави привремено намалување во делот наменет за уредување на градежното земјиште. Се работи за првично надоместување на штетите што ќе ги утврди Комисијата за проценка, а ќе се бара дополнителна финансиска помош од државниот буџет – истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.

Од пожарот во западниот дел на Кочани настрадаа куќи и помошни објекти во Белско Маало, како и штали со крупен добиток и живина, во кои настрада дел од добитокот.

📸

📸

📸

📸