ТВ-презентерката Татјана Стојановска вчeра се омажи за нејзиниот партнер, бизнис консултантот Михаил Китановски. Тие веќе 10 години како беа свршени и живееа заедно. Не е тајна дека уште пред 10 години тој ја побара за жена.
Венчавката беше во тениското во хотелот „Александар палас“, а на интимната венчавка биле само најблиските. Невестата носеше елегантна венчаница, а за шминката се погрижи нејзиниот долгогодишен пријател Дадар. Тања беше претходно во брак со пејачот Благоја Грујовски со кого го има синот Матеј. За „Слободен печат“, Татјана накратко раскажа за вчерашната веселба и сподели неколку фотографии.
– Пред точно 10 години, на 10 јуни 2013 година, Михаил ме побара за жена на нашиот прв одмор во Грција, и тогаш по неколку месеци од запросувањето, почнавме да живееме заедно. И точно на 10-годишнината од запросувањето, вчера стапивме и официјално во брак. Регистрацијата и прославата се одржаа во хотел „Александар Палас“, заедно со нашите најблиски роднини и пријатели. Беше весело благодарение на групата „Соната“ и бисерниот глас на Кате, како и на нашите весели гости – вели Татјана за „Слободен печат“.