Од последици на Ковид-19 на денот кога наполни 41 година почина д-р Ана Чопорда, анестезиолог во КБЦ Звездара, жена која со својата лична приказна го сврте вниманието во целиот регион.

Колегите и пријателите се во шок и споделуваат статуси за дамата која беше прекрасен лекар, лавица и голем борец, а оние кои не ја познаваа, по нејзината смрт дознаа зошто е тоа така. Победи во многу битки, но оваа со најлутиот противник-ковидот ја изгуби, пишуваат српските медиуми.

„Ана го сакаше животот. Секогаш ведра и насмеана, брза и помалку блесава, толку колку што е потребно оваа наша работа да тече со леснотија, со што помалку тензичност. Беше одличен доктор, интелигентна и способна. Во нејзините триесетти ѝ беше дијагностицирана бубрежна инсуфициенција, мораше да оди на дијализа, но не престана да работи. Со ваква дијагноза и покрај сите ризици, таа роди прекрасна ќерка која ја обожаваше. Во тие мигови веќе доби една животна битка, онаа за потомство“, раскажува нејзин близок пријател и колега.

Тој открива дека Ана со години чекала трансплантација на бубрег и дочекала, со низа компликации кои само на здравствен работник можат да му се случат.

„Продолжи да работи и во време на пандемија, иако тоа беше максимално ризично за личност која е на имуносупресивна терапија. Лекувајќи други се зарази со Ковид и денеска засекогаш не’ напушти. Ана е мојот херој, тивок, благороден, ненаметлив јунак кој победува со насмевка. Ана е еден од најголемите борци за кои сум слушнал во животот. Оваа приказна ја споделив затоа што мораме да знаеме кои се вистинските херои и идоли“, завршува нејзиниот пријател скршен од болка.