Редици за вакцинација утрово има и пред вакциналниот пунк на поликлиниката Бит Пазар. Метежот се создава поради бавната процедура бидејќи граѓаните кои сакаат да се вакцинираат прво треба да се пријават која вакцина ја избираат, потоа одат на преглед кај лекар по што следи потпишување на согласност дека сакаат да се имунизираат, ги внесуваат во системот и одат на вакцинација.

– Од вчера сме подготвени за почеток на вакцинацијата. Имаме едно вакцинално место, но во зависност од заиентерисираноста на граѓаните ќе приспособиме дополнителни простории. Од утрово има многу заинтересирани за имунизација и тоаи млади но и повозрасни. На располагање ги имаме трите вакцини Синовак, АстраЗенека и Фајзер кои ги даваме според препораките на Министерството за здравство. Очекувам дека ќе расте интересот за вакцинација откако граѓаните ќе разберат дека во поликлиниката Бит Пазар се врши имунизација – вели д-р Мелихате Бектеши од поликлиниката Бит Пазар.

Вакциналниот пунк во поликлиниката Бит Пазар работат во две смени од 8 до 19.30 часот.

Денеска се отвораат четири нови пункта за вакцинација во Скопје

Министерството за здравство вчера најави дека од денеска ќе отворат дополнителни четири пункта за имунизавија против ковид. Пунктовите во Скопје кои ќе почнат денес се Поликлиниките Бит-пазар, Драчево, Ченто и Ѓорче Петров.

Во две смени ќе работат пунктовите во Чаир, Јане Сандански, Букурешт и Бит-пазар. Во прва смена ќе работат Шуто Оризари, Драчево и Ченто.

„Вакцини има доволно, во сите пунктови се надополнуваат подеднакво потрошените количини. На располагање се околу 400.000 дози од вкупно сите производители од нив 200.000 за прва доза. За прва доза имаме 80.000 на ‘Синовак’, 50.000 на ‘AстраЗенека’ и 70.000 на ‘Фајзер’. Секоја недела пристигнуваат по околу 20.000-30.000 на ‘Фајзер’ и оваа пратка ќе продолжи да пристигнува и во следните недели до крајот на годината“, соопшти министерството.

Оттаму додаваат дека вакцините се безбедни и се единственото оружје во борба против Ковид-19. Вакцините штитат од тежок тек на болеста и од смртен исход од вирусот.

„Само со масовно вакцинирање на населението може да ги спречиме натамошните мутации на овој вирус и затоа, повикуваме на вклучување кон процесот на имунизација на сите граѓани“, велат од Министерството за здравство.