Црногорската полиција трага по жена која на 12 април со фалсификувани документи на клиент на „Ловќен банка“ од сметката успеала да извади дури 1,3 милиони евра и исчезнала без трага!
Како што пишуваат црногорските медиуми, филмската измама била откриена на 13 април, кога Будванка М.О дошла да се пожали во банката дека не барала да ѝ се исплатат парите што ги чувала кај нив.
„Измамничката наводно на 11 април најавила дека ќе ја подигне својата заштеда во филијалата на Ловќен банка во Херцег Нови, од каде, бидејќи се работи за голема сума на пари, била известена за датумот кога може да ги подигне парите што ги бара. Еден ден подоцна таа дошла во филијалата. На службените лица им приложила лична карта за која се претпоставува дека е фалсификувана. Имено, личната карта ги содржела податоците на оштетената клиентка, но фотографијата била на измамничката, па таа ја подигнала сумата од над милион евра“, пренесуваат црногорските медиуми и наведуваат дека осомничената мирно излегла од банката со пари во црн ранец која го донела со себе, без никој да забележи дека се работи за измама.
„Се сомнева дека имала разработен план, како и дека имала соучесници во оваа голема измама. Наведено е и дека прво морала да знае дека токму оваа клиентка од Будва имала толку пари на сметката“, вели извор од истрагата и додава:
„Покрај тоа, таа за да изврши идентификација морала да извади фалсификувани документи, поточно лична карта, но и картичка од споменатата банка. Така истражителите утврдуваат дали имала помош „од внатре“, односно дали и помогнал некој од вработените во банката, како и дали имала помош од МВР, за да ги фалсификува документите на оштетената Будванка.
Извор од истрагата објаснува дека вакво организирано криминално дело не можело да го изврши едно лице.
„Кога филијалата во Херцег Нови сфатила дека ги платила парите на погрешно лице, случајот веднаш бил пријавен во седиштето на банката, кое се наоѓа во Подгорица. Полицијата е известена, а во истрагата се вклучи и обвинителството“, пишуваат локалните медиуми и додаваат:
Со прегледување на видео надзорот во сопственост на банката Ловќен, снимено е лицето на измамничката која успеал да ги измами банкарските службеници кои и ги исплатиле парите врз основа на лажни документи.
Полицијата се уште го нема името на измамничката и се уште интензивно трага по неа.
„За неа се знае само нејзината слика снимена од надзорната камера на банката“, наведуваат изворите.
Истрагата ја покрена самата банка која ги проверува сите вработени кои имале контакт со осомничената.
„Се утврдува како и кога осомничената контактирала со банката, како и кој службеник и закажал време кога ќе и бидат исплатени парите. Исто така, се проверува кој и ги платил парите без детално да се утврди дали се работи за клиентот чии пари се“, вели изворот.
Големи контроли
Владимир Васиќ, финансиски експерт, вели дека ваков случај на измама немало во последните 15 години, бидејќи банкарскиот и верификациски систем е подигнат на највисоко можно ниво.
„Вакво нешто ретко се случува, но како што гледате, можно е да се случил ваков тип на измама и кривично дело. Оштетениот клиент ќе си ги добие парите од осигурувањето, бидејќи банката го осигурува и штити секој клиент“, вели Васиќ и додава:
„Едноставно е неверојатно вработен во банка да не се сеќава на лицето на клиент кој има толку голема сума пари со себе, бидејќи таквите клиенти се ретки и буквално по филијала имате еден или двајца такви клиенти или воопшто немате.
Нашиот соговорник додаде дека апсолутно се се проверува во банките и дека контролите се навистина големи.
„Се случуваат грешки, сега дали некој од вработените само згрешил и не направил соодветна проверка или некој внатре во банката ѝ помогнал на осомничената, истрагата ќе утврди. Не исклучувам никаква можност“, вели Васиќ.
Банката соопшти: Ова е изолиран случај
Во оваа прилика од „Ловќен банка“ и изјавија дека самите ќе спроведат истрага во колективот за да и помогнат на полицијата во откривањето на сторителот на ова кривично дело.
„Непознато лице со употреба на фалсификувани документи извршило измама на штета на еден наш клиент. Преземени се сите мерки за целосна заштита на повредениот клиент, со напомена дека се работи за изолиран случај кој е покриен со полиса за осигурување и не може да влијае на редовното функционирање на банката“, велат од банката.