Градовите Охрид, Ресен, Струга и Дебар речиси цел ден се без електрична енергија, поради дефект во високонапонската мрежа на преносникот „МЕПСО“.

Дополнителни главоболки им создаде и снегот кој од синоќа почна да паѓа во Струга и струшко, и предизвика проблеми во снабдувањето со струја. Стружани на социјалните мрежи објавуваат фотографии од бандери кои и не паднале, а каблите кои висат претставуваат сериозна опасност за граѓаните. Тие апелираат надлежните веднаш да излезат на терен и да ги санираат состојбите.

Колапсот на електро мрежата предизвика потешкотии и во мобилната телефонија и интернетот.

На планината Јабланица има отсечени семејства поради големите нанноси на снег.

Над 100.000 жители без струја

Голем дефект на далекуводниот систем остави без струја над 100 илјади жители во регионот на Охрид, Струга и делови од Дебрца, објави порталот Охридњуз.

Како што информира ЕВН, прекин во снабдувањата со електрична енергија има во Охрид, Слатино, Издеглавје, Арбиново, Годивје, Сливово. Потоа во Струга, Калишта, Радолишта, Франгово, Радожда, Октиси, Подгорци, Делогожда, Лабуништа, Присовјани, Локов, Селце, Буринец, Збажди, Брчево, Шум, Заграчани, Вишни, Радолишта, Теферич, Луково, Нерези, Модрич, Дренок, Пискупштина. Прекин во снабдувањето има и во Вевчани.

Од ЕВН велат дека проблемот е во МЕПСО, односно во нивните системи за снабдување. Неофицијално се работи за дефект на два далекувода од кои со електрична енергија се снабдуваат наведените реони.

Во регионот од синоќа има обилни врнежи од дожд и влажен снег на повисоките места, кој предизвикува проблеми и оштетувања на електричната мрежа и другата инфраструктура.