Десетина демонстранти се убиени од припадници на безбедносните сили на Казахстан, а 12 припадници на полицијата исто така загинаа за време на екстремно насилните протести, соопштија денеска властите.

Еден од убиените полицајци е пронајден обезглавен за време на немирите во кои беа запалени неколку владини згради.

И покрај остриот одговор на властите, демонстрантите денеска повторно излегоа на улиците на најголемиот казахстански град Алмати, ден откако упаднаа во претседателската резиденција и во канцеларијата на градоначалникот и ги запалија и двете.

На видеото на руската агенција ТАСС се гледа како полицијата интензивно пука во близина на плоштадот каде се собраа демонстрантите.

Агенцијата ТАСС вечерва јави дека демонстрантите биле растерани од плоштадот, но дека спорадичното пукање во тој дел продолжува.

Руската новинска агенција Спутник претходно објави дека пукале кога полицијата опколила група од околу 200 демонстранти во Алмати.

Полицијата е присутна во голем број на улиците, вклучувајќи го и главниот град Нурсултан, каде според извештаите немало конфликти.

Според казахстанската полиција, во немирите вчера биле убиени десетина демонстранти. Градските власти соопштија дека загинале 12 полицајци, а 353 се повредени. Министерството за внатрешни работи соопшти дека се уапсени 2.000 луѓе.

Претходните денови, десетици илјади луѓе, од кои некои носеа палки и штитови, излегоа на улиците. Ова се најжестоките протести откако Казахстан се стекна со независност од Советскиот Сојуз во 1991 година.

Неделава започнаа протести на западот од земјата, поради наглото поскапување на течниот гас, кој многумина го користат како гориво за автомобилите. Скокот на цените на течниот гас дојде откако владата ја укина контролата на цените.

Иако демонстрациите започнаа како протест против наглото поскапување на течниот гас, обемот и брзото ширење на немирите укажуваат на поголемо незадоволство во земјата со која владее истата партија од стекнувањето на независноста.

Владата денеска најави ново ограничување на цената на горивата од шест месеци и мораториум на покачувањето на цените на комуналните услуги во обид да ги смири протестите, но не е јасно дали потезите ќе имаат некаков ефект.

Загриженоста дека конфликтот би можел да се прошири се зголеми откако казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев побара помош од воената алијанса ОДКБ предводена од Русија.

Алијансата денеска најави дека ќе испрати војници во Казахстан, но засега не се знае дали дел од нив веќе пристигнале во таа земја.

Прекините на интернетот и мобилната телефонија исто така предизвикуваат загриженост и го отежнуваат информирањето за тоа што се случува во земјава.

Аеродромите во Алмати и уште еден град се затворени.

Вчера Токаев прогласи двонеделна вонредна состојба во целата земја, вклучувајќи полициски час и забрана за верски служби.

Казахстан, деветтата по големина земја во светот, граничи со Русија на север и Кина на исток и има големи резерви на нафта, што го прави стратешки и економски важен.

И покрај овие резерви и минерални богатства, во некои делови од земјата е изразено незадоволство од лошите услови за живот. Многумина се незадоволни и од доминацијата на владејачката партија, која има повеќе од 80 отсто од местата во парламентот.

📸

📸

📸

📸

📸