Дрва и пелети. Тоа се два од најпопуларните енергенси за загревање на домаќинствата во земјава, заедно со електричната енергија и парното. Во очекување цената на струјата да се зголеми, но и неизвесноста колку ќе чинат другите енергенси, граѓаните за порталот 360 степени велат дека веќе се во недоумица – на што да се греат следната зима.
„На дрва се греевме, ама сега дали ќе успееме да купиме не знам дрва. Зошто? При треба, многу пари треба“, вели една жителка на Скопје.
„Не знам што ќе правиме, струјата доаѓа 6000 денари, дрвата исто“, смета друг граѓанин.
Тие што се греат на пелети и на дрва, нарачките ги прават уште сега. Огревното дрво е единствениот енергенс што не поскапе досега, барем според ценовникот на најголемиот производител – „Национални шуми“. Цената е непроменета од 2014 година, но таа, најверојатно, ќе се зголеми пред оваа грејна сезона – до 20%.
„Како претпријатие, размислуваме на Владата да и понудиме зголемување на нашите цени, но тоа е одлука што ќе ја донесе Владата, а претходно ќе треба да се изјасни Управниот одбор на претпријатието. Нашите размислувања се зголемување на некаде 20 насто на цената на дрвните асортименти, односно производите кои ние ги произведуваме, но тоа ќе биде повторно одлука на Владата. Најголемиот дел од нашето производство е користење на нафтата, односно дизел горивото, бидејќи ние имаме машини што работат на дизел гориво. Во 2014 г. имало други цени на нафтата. Но, со денешната цена од 90 денари или евро ипол од литар дизел – ние, верувајте, произведуваме само загуби со производство на огревното и техничкото дрво“, вели првиот човек на „Национални шуми“, Валентин Груевски.
Новиот предлог-ценовник ќе биде доставен до Владата, најверојатно, кон крајот на јуни, до кога ќе се прават дополнителни анализи. Ако Владата го прифати тоа што го најавуваат од „Национални шуми“, кубен метар бука, на пример, од 2 890 денари ќе поскапи на околу 3.500 денари. Директорот Груевски, сепак, појаснува – тие што ќе склучат договори пред евентуалната владина одлука, ќе платат по стара цена.
„Оваа година имаме рекордна побарувачка на огревно и техничко дрво и ние сме можеби една од индустријата што не можат да обезбедат толку колку што можат да обезбедат пласман и тоа не навистина реткост во Македонија, но и по оваа цена мислам дека дрвото ќе биде најефтиниот енергенс кој можат да го користат граѓаните“, вели Груевски.
Повисоките цени на дрвото се само најава, но повисоките цени на пелетите се веќе реалност. Ако минатата година вреќа од 15 килограми се продаваше за 160 до 200 денари, сега чини и над 300 денари.
Проценките на Симо Тренчоски се дека пелетите ќе поскапат уште еднаш пред зимата. Одговорот на прашањето – за колку, вели ќе зависи од цената на струјата.
„Национални шуми и да има некое поскапување, нема да биде нешто посебно многу. Со струјата, ако е до 10-15 насто, и севкупно ако 20, нема да биде покачен производот 20 насто. Ќе биде 10 насто. Да, ќе има покачување сигурно до крајот на грејната сезона, не во моментот, но не верувам дека ќе биде повеќе од 10 насто“, смета Тренчоски.