Предметот за убиството на ракометарот Денис Тот е во завршна фаза. Ова во интервју за „А1он“ го потврди првиот човек на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски.

Тој посочува дека има индиции оти причината за убиството е место за во такси. Објасни дека се сретнал и со родителите на Тот, за кои кажа дека се разбрани луѓе кои бараат правда, ќе учествуваат во постапката, но не вршат притисоци иако случајот е меѓународен со оглед дека Тот е хрватски државјанин.

„Уште некои појаснувања треба и во однос на фактите во однос на Судска медицина во однос на свесноста на трагично починатиот по ударите. Тоа е од прилика суштината на која треба да се одговори, која е важна и за правната квалификација на кривичното дело“, вели Бубевски.

Во судската постапка ќе учествува и семејството на починатиот Тот. Неговиот татко направил увид во доказниот материјал, дал свој исказ за отштетно правното побарување.

„Имајќи предвид за каква загуба се работи, можам да кажам дека човекот не прави никакви притисоци, влијанија врз предметот. Предметот има меѓународен карактер, но не користи ни такви работи. Човекот си ја бара правдата за своето дете“, посочи Бубевски.