Забава во вила во Тајланд, која била организирана во понеделникот, завршила фатално за Русин кој сексуално ја вознемирувал малолетната ќерка на еден Британец, кој му пресудил само со еден удар, пишува Дејли мејл.

Игор Јасиљев (36) наводно во раните утрински часови почнал да флертува со 15-годишно девојче, иако на забавата била и неговата сопруга. Тој во еден момент и шепнал дека сака да спие со неа, но тоа го слушнал и нејзиниот 34-годишен татко и го удрил пијаниот Јасилиев по лицето. Тој паднал на земја и ја повредил главата, при што повредите со кои се здобил биле фатални.

Полицијата примила дојава за инцидентот во три часот наутро и отишла на локацијата во Патаја, каде пронашла четворица мажи и две жени, меѓу кои и онесвестен Русин како лежи на подот со крв околу главата. Иако итно бил префрлен во болница, тој набрзо починал од повредите.

Судот издаде налог за апсење на Британецот во кој се наведува дека се бара поради напад врз друго лице што резултирало со смрт. Тој беше уапсен истиот ден во текот на попладневните часови во неговиот дом во областа Сатахип, каде што живееше со своето семејство.

– Не мислев дека мојот удар ќе доведе до негова смрт, се каам за своите постапки – изјавил тој во полиција.

Неговата сопруга рече дека и таа била на забавата, но заминала порано.

-Кога го прашав што се случило, ми кажа дека додека пиеле, Русинот почнал сексуално да ја вознемирува нашата ќерка, иако на забавата била и неговата сопруга. Ескалирало кога ѝ спомнал секс, што го налутило сопругот кој го нокаутирал- тврди сопругата.

Еден познаник на Јасиљев кој исто така бил во вилата тврди дека тие двајца првпат се сретнале на забавата и заедно пиеле додека не дошло до тепачката.

– Не знаев од која националност е тој човек, но со тупаница го удри Игор, кој ја удри главата во земја. Бев шокиран бидејќи имаше многу крв – се присетува тој.

Инцидентот се случи само неколку дена откако тројца чувари од бар во Патаја брутално претепаа двајца британски туристи поради спор околу сметката.

Тие тврделе дека ресторанот се обидел да ги измами со дополнителни трошоци, а обезбедувањето интервенирало кога почнале да го насочуваат гневот кон келнерката. По неколку минути туркање, тие ги извлекле двајцата Британци на улица и почнале да ги удираат со клоци.

Туристите се онесвестиле и засега не е позната нивната состојба, а полицијата одби да коментира детали за случајот. Чуварите биле предупредени за нивното однесување, но не биле уапсени или обвинети, и наместо тоа, морале да се извинат што го нарушиле имиџот на градот.

– Туристите кои беа нападнати не поднесоа пријава, така што не можеме да назначиме истражен службеник. Нема отворени предмети додека не се обжалат. Се шират гласини дека се на интензивна нега, но ништо од болниците не слушнавме – тврдат од полицијата.

Во споменатиот локал работат и сексуални работнички, кои рекле дека туристите платиле две девојки да пијат со нив. Еден од Британците не сакал да си ја подмири сметката, тврдејќи дека веќе ја платил, поради што настанала тепачка.