Четири лица, меѓу кои и еден странски државјанин, загинале во екстремното невреме во Истанбул, јавува Ројтерс.

Повредени се 19 лица, а силниот ветер не го погоди само Истанбул, туку и околните региони.

Брзината на ветерот се искачила на 130 км/ч, соопшти водечката турска метеоролошка организација, а екстремни услови се очекуваат и во Измир.

Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, им изразил сочувство на семејствата на жртвите, апелирајќи до жителите да внимаваат на опасноста од слични несреќи или „паѓање дрвја и електрични столбови“ поради силните ветрови што дуваат со брзина од 130 километри на час.

Силниот ветер се очекува да продолжи и утре.

„Поради неповолните временски услови предизвикани од југозападниот ветер што од утрото дува во Истанбул, животот го загубија четири лица, од кои еден е странски државјанин и тројца наши државјани, 19 наши државјани се повредени, а тројца се во критична состојба“, се вели во соопштението од градот Истанбул.

Една жена загинала во друга населба во западниот дел на градот кога врз главата и паднала греда од покривот на зграда, јавила ДХА.

Ветерот, пишува Ројтерс, урнал делови од зградите, вклучително и бетонски плочи од покривите и ѕидовите.

Има потешкотии и со летовите на Туркиш ерлајнс.

„Најмалку шест летови на „Туркиш ерлајнс“ што требаше да слетаат во Истанбул се пренасочени кон градовите Анкара и Измир“, изјави портпаролот на авиокомпанијата.