28-годишниот Мајк Вила Фонсека, пратеник во данскиот парламент, во интервју за TV 2 призна дека е во врска со 15-годишно девојче. Со тоа го прекршил кодексот на однесување на Партијата на умерените, кој не дозволува членовите да имаат сексуални односи со лица помлади од 18 години, пишува дневниот весник Berlingske.
Претседателот на партијата, Ларс Локе Расмусен, набргу објави дека Фонсека треба да биде исклучен по што самиот тој реши да ја напушти партијата и да замине на боледување. Инаку, Фонсека изјавил дека родителите на 15-годишното девојче биле свесни за врската и дека дале согласност.
Последователно, родителите во интервју за весникот Ekstra Bladet потврдија дека навистина дале согласност и дека ја поддржуваат врската. „Работите се случија малку рано, но нема ништо лошо во тоа. На крајот на краиштата, луѓето реагираат на разликата во годините. Но, ние имаме доверба во нашата ќерка и во Мајк“, рекол таткото, кој сакал да остане анонимен.
Според нив, Фонсека во последните пет години доаѓал во нивниот дом како семеен пријател. Претставникот најпрвин склучил пријателство со таткото на 15-годишното момче бидејќи имале заеднички интерес за мотори. Родителите изјавиле дека врската меѓу политичарот и нивната ќерка почнала пред пет месеци.
Откако Фонсека ја напушти Партијата на умерените, во интервју за TV 2 спомена три партии во кои може да се види себеси во иднина. Сепак, веќе следниот ден сите три партии – социјалдемократите, Либералната партија и Либералната алијанса – го отфрлија.
Иако Фонсека замина на боледување и беше назначена негова замена, прашање е кога ќе се врати и како ќе се позиционира според предлозите на владата.