Најтопло лето откако се мерат температурите во земјава имало во 2007 година кога се измерени рекордни 45,7 Целзиусови степени.
Температурниот максимум е регистриран во Демир Капија на 24 јули 2007 година. Рекордот и за Скопје е во истиот тој ден, кога температурата се искачила до 43,4 степени.
Тој ден се измерени и рекордни 45,3 степени во Гевгелија, 43,5 степени во Штип и 40,2 степени во Крива Паланка.
Температурите во државава официјално се мерат од 1948 година. Имало мерења и порано, но не е сигурно колку се прецизни, велат од УХМР.
Територија на земјава и деновиве е зафатена од тропски бран и високи температури кои ќе достигнат 40 степени.
Времето во Македонија денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Утринската температура ќе се движи од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 30 до 40 Целзиусови степени. УВ-индексот ќе изнесува 9.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала облачност и со слаб до умерен северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 18, а дневната ќе достигне до 39 степени. Mаврово 30, Охрид 32, Битола 37, Крива Паланка 35, Берово 33, Кавадарци и Дојран 40.
Во следните денови под влијание на топла воздушна маса од југ времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината. На повеќе места температурите ќе бидат над 35 степени, а најтопло ќе биде во четврток и петок кога на места и особено на југоистокот ќе го надминуваат и 40-тиот степен.