Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Македонија упати итен апел до граѓаните по откривањето на случај со употреба на фалсификуван ботокс, предупредувајќи ги сите кои неодамна биле подложени на естетски третмани со невротоксини или филери да бидат особено внимателни на можни компликации.
Од Клиниката истакнуваат дека пациентите мора внимателно да ја следат својата состојба по ваквите интервенции и при најмало отстапување од очекуваниот процес на закрепнување веднаш да побараат медицинска помош.
Се нагласува дека секоја невообичаена физичка реакција по апликација на препаратите треба сериозно да се сфати.
Лекарите препорачуваат брза реакција при први знаци на компликации, како и навремена консултација со матичен или специјалистички лекар. Дополнително се апелира граѓаните секогаш да се информираат за потеклото и сертификатите на препаратите што се користат во естетските третмани.
Овој случај повторно го отвора прашањето за контролата и безбедноста во естетската медицина, како и за заштитата на пациентите од неквалитетни и потенцијално опасни производи.
Надлежните институции, како што е наведено, веќе преземаат мерки за расчистување на случајот.
„Чисто лице“: Шестмина во ефективен, четворица во куќен притвор, осомничен и цариник
По истрагата под назив „Чисто лице“, Скопскиот кривичен суд за шест лица определи ефективен, а за четворица куќен притвор.
Осомничените се под истрага поврзана со нелегален увоз и употреба на ботокс и филери. Дел од нив се лекари од јавното здравство но и сопственици на приватни ординации.
Првичните наоди на истрагата се алармантни – препаратите преку нелегални канали, на пазарот завршувале на црно. Според истрагата, станува збор за организирана мрежа на која и се става на товар шверц со нерегистрирани медицински препарати, кои потоа биле користени при естетски интервенции врз пациенти во земјава.
Во нелегалниот синџир бил вклучен и царински службеник, кој се сомничи дека примал мито за да овозможи непречен влез на препаратите во државата.

