Пандемијата на коронавирус доведе многу луѓе ширум светот да примат вакцина против оваа болест за да се спречи понатамошно ширење, но сè уште има и такви кои се противат на вакцинацијата поради некоја причина.

И Јосип Броз Тито имал проблеми со антиваксерите во поранешна Југославија, а документ од 1947 година, кој кружи на социјалните мрежи, открива и како ги казнувал.

Имено, откако една младинска бригада, која учествувала во работата на изградбата на пругата Шамац – Сараево, одбила да ја прими вакцината, од нејзиното име е одземен зборот „ударна“, што во тоа време се сметало за голем срам, пишува Кликс..

„Третата личка бригада се казнува со одземање на името ударната бригада затоа што 90 млади од оваа бригада не сакале да се вакцинираат со што се создава можност за ширење на заразни болести и загрозување на здравјето на младите“, стои во образложението.

Казната била прочитана јавно, пред собирот на сите бригади на младинската работна акција на пругата Шамац – Сараево, што го направило срамот уште поголем.