Украинскиот претседател Володимир Зеленски откри дека руските сили биле блиску до тоа да го уапсат или убијат во првите часови од инвазијата.

Зеленски добива многу пофалби за начинот на кој ја води земјата за време на двомесечната агресија врз неговата земја.

Но, неговото време на чело на Украина, нападната од многу помоќен сосед, можеше да заврши неколку часа по почетокот на инвазијата, според неговата изјава за The Times.

Зеленски опиша како руските војници биле блиску до тоа да го најдат него и неговото семејство додека се обидувале да ја заземат владината област во главниот град на првиот ден од конфликтот.

Додека многу од неговите сеќавања од тие први часови останале „фрагментирани“, Зеленски рече дека утрото на 24 февруари се издвојува.

Откако започнало бомбардирањето, тој и неговата сопруга Олена отишле да им кажат на ќерката (17) и синот (9) да се подготват за бегство од дома.

„Ги разбудивме. Беше гласно. Имаше експлозии“, се сеќава тој.

Украинската армија му кажала на Зеленски дека руски ударни тимови паднале со падобран во Киев за да го убијат или фатат него и неговото семејство.

„Пред таа вечер, такви работи гледавме само на филмови“, изјави за The Times Андриј Јермак, неговиот шеф на кабинет.

Истрели биле испукани околу владиниот округ кога падна ноќта на првиот ден од војната.

„Стражарите ги изгаснаа светлата и донесоа панцирни елеци и пушки за Зеленски и десетина негови помошници“, се сеќава тој.

Еден од ретките функционери кои знаеле да користат оружје бил Алексеј Арестович, ветеран на украинската воена разузнавачка служба.

„Тоа беше апсолутно лудило“, изјави Арестович за The Times.

Руските трупи двапати се обиделе да упаднат во комплексот додека семејството на Зеленски сè уште било внатре.

Следната ноќ, откако ги одбил понудите за побезбедна средина, вклучително и евакуација со американските и британските сили што ќе му овозможат да воспостави влада во егзил, Зеленски излезе во дворот за да ја сними веќе познатата видеопорака со својот мобилен телефон.

Во тој момент, вели Зеленски, навистина станал свесен за неговата улога во војната.

„Сфаќате дека гледаат. Вие сте симбол. Мора да се однесувате како што се однесува шеф на државата“, рече тој.