Оризот од утринава е со пониска цена за 10 денари, јајцата се со иста непроменета сума, ова го забележа камерата на Канал 5 по скопските маркети.
По лебот, тестенините и дел од млечните производи, од вчера замрзнати се цените и на оризот и јајцата. А владата анализира дали со бранот замрзнувања на цените на прехранбените производи да бидат опфатени и овошјето и зеленчукот. Истовремено, на 70 проценти е ограничен и извозот на домашно производство на јајца од кокошка со цел да се избегне евентуален дисбаланс во понудата и да се спречи целосен извоз во соседството каде цената е повисока.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе одржи работен состанок со сопствениците на најголемите супермаркети во земјата.
Владата вчера ја замрзна цената на јајцата и оризот на нивото на цените кои се применувале на 15 март годинава во трговијата на мало.